Search
Close this search box.

Статут

Врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 48 став 1 од Статутот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 8/05 и „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр. 13/06), Градоначалникот на Општина Кисела Вода, донесе

 

 

Р Е Ш Е Н И Е

 

за објавување на Статутот на Општина Кисела Вода

(пречистен текст)

 

 

 

1.Се објавува Статутот на Општина Кисела Вода (пречистен текст) утврден од Комисијата за статут и прописи одржана на  23 декември 2019 година.

 

2.Ова Решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Кисела Вода“.

 

 

 

 

Број 08-155/1                                                                       ГРАДОНАЧАЛНИК

08.01.2020 година                                                          на Општина Кисела Вода

С к о п ј е                                                                           Филип Темелковски с.р.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ НА

СТАТУТОТ НА ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Декември 2019 година

 

 

 

 

Врз основа на Одлуката за утврдување на пречистен текст на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.12/19 од 29.10.2019 година), Комисијата за статут и прописи како постојана комисија на Советот на Општина Кисела Вода, на седницата одржана на ден 23.12.2019 година, го утврди Пречистениот текст на Статутот на Општина Кисела Вода. Пречистениот текст на Статутот на Општина Кисела Вода ги опфаќа:  Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Град Скопје 8/2005), Одлука за измени и дополнувања на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.13/06), Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Кисела Вода ( Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.15/14), Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.7/19) и Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.7/19),

 

СТАТУТ

НА ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА

(пречистен текст)

 

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 

 Општина и име на општината

 Член  1

Општина  Кисела  Вода ( во понатамошниот текст: Општината) е единица на локалната самоуправа, во која граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа.

Општината е единица на локална самоуправа, како заедница на жителите на одредено  подрачје, утврдено со закон, која преку своите органи и  администрација и организираните јавни служби, овозможува вршење на надлежностите пропишани со закон.

Правото на локална самоуправа се остварува преку преставници во органите на Општината и во органите на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа и со непосредно  учество на граѓаните  во одлучувањето, на начин и постапка утврдени со Закон. 

 

 Подрачје на општината

 Член  2

Подрачјето на Општината е утврдено со Закон.

Границата на Општината  Кисела  Вода  започнува од надвозникот на железничката пруга и улицата Трета македонска ударна бригада (тромеѓа на општините Кисела Вода, Аеродром и Центар) и се движи по трасата на старата железничка пруга до надвозникот на булеварот Кочо Рацин, се движи по улицата Бихачка, улицата Црниче (“437”) и улицата “346” и излегува над институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија-ИЗИИС, односно на тромеѓата на општините Центар, карпош и Кисела Вода, продолжува по границата на парк-шумата “Водно” до локалитетот “Теферич”, продолжува по катастарска граница на КО Сопиште, продолжува по надворешните граници на КО Усје и КО Драчево до железничката станица Драчево, свртува на северо-запад по железничката пруга Скопје-Велес, како граница со општина Аеродром до надвозникот на улицата Трета македонска ударна бригада (тромеѓа на општините Кисела Вода, Аеродром и Центар).

 

Жителство во општината

 

Член  3

 Граѓаните на Република Северна Македонија кои имаат постојано место на живеење на подрачјето на Општината, се жители на Општина  Кисела  Вода.

 

Член 4

 Општината е правно лице.

 

 Седиште на општината

 

 Член  5 

Седиштето на Општината е во градот Скопје  на  ул.Петар Дељан бр.17 .

 

Член  6

Општината има право на сопственост.

 

 Грб и знаме на општината

 

Член  7

Општината има грб и знаме кои се уредуваат со одлука на Советот на Општината.
Грбот и знамето на Општината се користат истовремено со грбот и знамето на Градот Скопје.

 

Печат на општината

 

Член  8

 

Општината има печат со тркалезна форма со пречник од 3 (три) сантиметри, во чија средина се наоѓа грбот на Општината и на чии рабови е испишано “Република Северна Македонија – Општина  Кисела  Вода”.
Печатот што го употребува Советот на Општината, во вториот ред има натпис “Совет на Општина  Кисела  Вода”.
Печатот што го употребува Градоначалникот, во вториот ред има натпис “Градоначалник”.

 

Празник на општината

 

Член 9

Празник  на Општината е 6-ти мај-“Ѓурѓовден”.

 

Член 10

Во Општината  се востановуваат општински признанија и награди.

 

Службен јазик во општината

 

Член  11
         
На седниците на Советот на Општината Кисела  Вода во службена употреба е македонскиот јазик И неговото кирилско писмо.
Статутот, одлуките и другите прописи што ги донесуваат Органите на Општината се пишуваат  и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

 

Меѓуопштинска и меѓународна соработка

 

Член 12 

 

Општината може, со одлука на Советот на Општината, да се здружува во Здруженија во согласност со закон.

 

 

Член 13
            
Општината соработува со Општините од Републиката, со градот Скопје и со единици на локална самоуправа од други земји, како и со меѓународни организации на локални заедници.
Општината членува во меѓународни организации на локалните власти.
Општината, заради остварување на заеднички интереси и вршење на заеднички работи од нивна надлежност, може со други општини од Републиката да здружува средства и да формира заеднички јавни служби, во согласност со Закон.
 Со цел извршување определени надлежности, општините можат да формираат заеднички административни тела во одредени области, во согласност со Закон.

 

Информирање на јавноста

 

Член 14

 

Органите на Општината, како и телата на Советот и јавните служби се должни да ги информираат граѓаните, за својата работа и плановите за развој како и да им овозможат пристап до  информациите.
Заинтересираните субјекти се информираат преку Службеното гласило на Општината, Билтен на општината , web-страна на Општината, локален дневен весник, како и преку непосредни контакти со лице задолжено за информирање на јавноста.

 

 

 

II. НАДЛЕЖНОСТ НА ОПШТИНАТА

 

Член 15

Општината самостојно, во рамките на Законот и овој Статут ги уредува и врши работите од јавен интерес, од локално значење, утврдени со Законот за локална самоуправа или друг Закон, како и работите кои не се исклучени од нејзина надлежност или не се во надлежност на органите на  државната власт.

 

Член 16

Општината е надлежна за вршење на следните работи:
             
1. Планирање и уредување на просторот
– покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје;
– давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје;
– донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината и урбанистички планови вон населено место;
– спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење);
– издавање на одобренија за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема, и
– уредување на градежно земјиште во делот на опремување на граденото земјиште со објекти и инсталации од секундарната инфраструктура.
2. Заштита на животната средина и природата
– покренување иницијативи и преземање на мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштитата од бучава и нејонизирачко зрачење;
3. Локален економски развој
– планирање на локалниот економски развој на општината;
– утврдување развојни и структурни приоритети на општината, и
– поддршка на развој на малите и средните претпријатија и  претприемништвото во општината;
4. Комунални дејности
– изградба, одржување, реконструкција и заштита на сервисни и станбени улици и други инфраструктурни објекти;
– одржување на јавната чистота на сервисните и станбените улици;
– организирање, изнесување и транспортирање на комунален и друг вид на неопасен отпад;
– изградба и одржување на јавно осветлување на станбени и сервисни улици на подрачјето на општината;
– одржување на гробовите и гробиштата и давање погребални услуги на општинските гробишта утврдени со урбанистички план;
– изградба, одржување и користење на јавни паркиралишта од значење за општината утврдени со урбанистички план;
– одржување и користење на зеленилото на сервисните и станбените улици;
– отстранување на нерегистрираните моторни и други возила од јавните површини;
– одржување и користење на јавните пазари;
– дезинфекција и дератизација и
– изградба и одржување на јвни санитарни јазли.
5. Култура
– институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти од значење на општината;
– негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности;
– организирање културни манифестации, поттикнување на разновидни специфични форми на творештво и
– одбележување на настани и личности од значење за општината.
6. Образование
– основање, финансирање и учество во управувањето со основните училишта на нејзиното подрачје, во согласност со закон;
– именување директори на основните училишта во согласност со закон, и
– превоз и исхрана на учениците во училиштата од нејзината надлежност, во согласност со закон.
7. Социјална и детска заштита
– сопственост, управување, основање, финасирање и одржувањена јавните установи за деца – детски градинки, во согласност со закон и
– преземање мерки од областа на социјалната заштита во согласност со закон.
8. Здравствена заштита
– преземање мерки за заштита на здравјето на работниците и заштита при работа;
– здравствено воспитување;
– унапредување на здравјето;
– превентивни активности;
– здравствен надзор над животната средина и над заразните болест и
– помош на пациенти со специјални потреби.
9. Заштита и спасување
– заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања и елементарни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив.
10. Надзор
– надзор над вршењето на работите од надлежност на општината.
      Плановите и проектите од ставот 1 точка 1 алинеја 3 на овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.
Работите од ставот 1 точка 1 алинеја 5 на овој член се вршат во согласност со утврдени стандарди, а по претходно добиена согласност од градот Скопје.
 Работите од ставот 1 точка 4 алинеја 3 на овој член се вршат во согласност со градот Скопје.
 Работите од ставот 1 точка 9 на овој член се вршат во соработка со градот Скопј

 

Член17
             
Работите од членот 16 на овој Статут, се уредуваат  со прописи  на Советот на Општината, во согласност со постапките и стандардите утврдени со Закон. 
Работите од членот 16 на овој Статут,  кои задолжително ќе ги извршува Општината ќе бидат определени со посебните закони и национални програми. 

 

Член 18
            
Работите кои не се исклучени од надлежност на Општината или не се во надлежност на органите на државната власт се определуваат со Одлука на Советот на Општината.
Со Одлуката од став 1 на овој член се уредува начинот и постапката  за вршење на тие работи.

 

III. ОРГАНИЗАЦИЈА И  РАБОТА НА ОРГАНИТЕ  НА ОПШТИНАТА 

 

Член  19

Органи на Општината се: Совет на Општината   и  Градоначалник на Општината (во натамошниот текст: Советот и Градоначалникот).

 

III. 1 Совет на општината 

 

Член  20

 Советот е претставнички орган на граѓаните, кој одлучува во рамките на надлежноста на Општината.
Советот го сочинуваат 23 (дваесет и три) членови –  претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.
Мандатот на членовите на Советот трае 4 (четири) години.
Членот на Советот не може да биде отповикан.
Членовите на Советот ги претставуваат граѓаните и во Советот одлучуваат по свое уверување.

 

Конституирање на Советот

 

Член 21

Првата седница на новоизбраниот совет ја свикува Претседателот на Советот од претходниот состав, најдоцна во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите.
Ако Советот не се свика во рок од став 1 на овој член, членовите на Советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на Советот го конституираат Советот во рок од 10 дена по истекот на рокот од став 1 на овој член.
Ако седницата не се одржи во рок од став 2 на овој член, ќе се распишат нови избори за членовите на Советот, на начин  утврден со закон.

 

Заклетва

 

Член 22

Членовите на Советот даваат и потпишуваат свечена изјава која гласи:
“Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член на Советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, Законот, прописите на Советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Северна Македонија.

 

Свикување седница на Советот

 

Член 23

Седниците на Советот се свикуваат по потреба, но најмалку еднаш на 3 месеци.
Седниците ги свикува Претседателот на Советот на своја иницијатива, на барање на градоначалникот или на барање од најмалку 1/4 од членовите на Советот најдоцна во рок од 15 дена од денот на неговото поднесување.
Доколку во рокот од став 2 на овој член Претседателот на Советот не ја свика Седницата на Советот, членовите на Советот сами се состануваат и избираат претседател за таа седница.
Денот, часот и местото на одржувањето на седниците на Советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи, задолжително се објавуваат најдоцна 7 дена пред денот на одржувањето на седницата, во Службено гласило на Општината.

 

Вонредна седница на Советот 

 

Член 24

Вонредната седница ја свикува Претседателот на Советот по сопствена иницијатива, на предлог на најмалку 1/3 од членовите на Советот  или  на предлог на Градоначалникот.
Во известување за свикување на вонредната седница се наведува времето, местото на одржување и дневен ред на Седницата.
Советот неможе да го менува дневниот ред за вонредната седница.
Пред отпочнување на седницата задолжително се гласа за оправданоста на причините за свикување на седницата без материјална расправа.

 

 

Член   25

Вонредна седница се свикува за прашања од значење за безбедноста и сигурноста на граѓаните, за прашања кои настанале поради вонредни  околности (пожар, поплави, земјотреси и сл.) и при посета на делегација од друга држава кога претставник на истата сака да се обрати на членовите на Советот.

 

 

 

 

Работа на седниците на Советот 

 

Член  26

Советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број на членови на Советот.
Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на Советот, но не помалку од една третина од вкупниот број на членови на Советот, ако со Статутот не е предвидено посебно мнозинство.
Гласањето на седниците на Советот е јавно, освен ако Советот не одлучи за одделни прашања гласањето да е тајно.
За секоја седница на Советот се води записник.

 

Јавност во работата на Советот 

 

Член 27
            
Советот работи на седници.
Седниците на Советот се јавни.
За исклучување на присуството на јавноста се одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број  на членови на Советот, ако се одлучува за прашања од доверлив карактер.
На расправата за Буџетот на Општината, годишната сметка на Буџетот и  за урбанистичките планови, присуството на јавноста не може да се исклучи.
 
Член 28
          
Статутот, Буџетот, годишната сметка на Буџетот, Деловникот и други прописи утврдени со закон, се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

Права и должности на членовите на Советот 

 

Член  29

 Членовите на Советот имаат право и должност да присуствуваат и да учествуваат во работата на Советот и на неговите постојани или повремени комисии.
Членовите имаат право на седниците на Советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања  на Градоначалникот.
Членот на Советот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Советот.
Работодавецот е должен да го ослободи од професионалната работа членот на Советот заради присуство на седниците на Советот и на комисиите во кои е член.
Членовите на Советот имаат и други права и должности утврдени со Статутот  и други прописи, во согласност со Закон.

 

Конфликт на интереси на членовите на Советот

 

Член  30

Членот на Советот не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, дете или роднина од втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес.
Членот на Советот е должен да го информира Советот за прашањата за кои тој има финансиски или друг личен интерес.
Членот на Советот, не може да биде вработен во општинската администрација на Општината во која е избран.
Со денот на вработувањето согласно со став 3 на овој член ќе се смета дека членот на Советот поднел оставка.
Членот на Советот вработен во јавните служби кои ги основала Општината, не може да учествува во процесот на одлучувањето за прашања што се однесуваат на јавната служба во која е вработен.

 

Престанок на мандатот

 

Член  31
           
 На членот на Советот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран:
– ако поднесе оставка;
– во случај на смрт;
– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење од над шест месеци;
– ако настапи случај на неспоивост со функцијата член на Советот согласно со Законот за локалните избори;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност  и
– ако престане да биде жител на Општината.
Советот, на првата наредна седница, ќе ја констатира причината и денот на престанување на мандатот на членот на Советот, и тоа:
– во случаите од ставот 1 алинеја 1, од денот на одржувањето на седницата и
– во случаите од ставот 1 алинеи 2, 3, 4, 5 и 6, со денот на исполнувањето на условот.
На членот на Советот може да му биде одземен мандатот ако неоправдано отсуствува  од три седници на Советот по ред.
За оправданоста на отсуството од ставот 3 на овој член одлучува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

Претседател на Совет

 

Член 32

Советот избира претседател од редот на членовите на Советот, со мандат од четири години.

За претседател на Советот е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Доколку во првиот круг никој од кандидатите за Претседател не добил потребен број на гласови, се пристапува кон втор круг на гласање за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најголем број на гласови.
За претседател е избран членот на Советот кој во вториот круг добил повеќе гласови.
До избор на претседател, Советот и со него раководи најстариот член на Советот.

 

Член 33

Претседателот на Советот ги свикува и раководи со седниците на Советот, се грижи за организацијата и работата на Советот и ги потпишува прописите што ги донел Советот и во рок од 3 (три) дена од денот на нивното донесување ги доставува на Градоначалникот заради објавување.
                                                                 
Надлежност на Советот

 

Член 34

Советот ги врши следните работи:

1. Донесува Статут на Општината;
2. Донесува Деловник на Советот;
3. Донесува Програма за работа;
4. Донесува Буџет на Општината и Годишна сметка на Општината;
5. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи  за финансирање на Општината, во рамките  утврдени со Закон;
6. Донесува детални урбанистички планови и урбанистички планови за село и урбанистички планови вон населени место;
7. Донесува Програма за уредување на градежното земјиште;
8. Донесува прописи од областа на заштитата на животната средина и природата, локалниот економски развој, културата, спортот и рекреацијата; социјалната заштита и заштита на децата, образованието, здравствената заштита; во рамките на надлежноста определена со посебен закон или во согласност со национална програма;
9. Донесува Програма за изградба и одржување на локални патишта и улици;
10. Донесува Програма за јавно осветлување;
11. Донесува Програма за изградба, реконструкција и одржување на локални водоводи;
12. Донесува Одлука за одржување и користење на јавните пазаришта;
13. Го уредува начинот на чистењето на оџаците;
14. Го уредува одржувањето на јавниот простор за паркирање и начинот на неговото користење од локално значење;
15. Одобрува Програма за одржување и користење на парковите, зеленилото и други јавни рекреативни површини од локално значење;

16. Го уредува одржувањето  на гробиштата, како комунална дејност и јавна функција;
17. Ја  утврдува организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, на предлог на Градоначалникот;
18. Основа јавни служби и врши надзор над нивната работа;
19. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа;
20. Усвојува Програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала;
21. Усвојува извештаи за извршување на  Буџетот и годишната сметка  на Општината како и  извештаи  за извршување на годишните програми на Општината;
22. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со Закон;
23. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала;
24. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на Општината;
25. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на Буџетот на Општината, во согласност со Закон;
26. Со одлука  ја  утврдува  висината  на  комуналните  такси и надоместоци;
27. Формира  Комисија  за  утврдување  на  пазарната  вредност  на  имот  според  пропишаната  Mетодологија  од  страна  на  Владата  на  Република  Северна Македонија  и  ги  утврдува  стапките  на  даноци на имоти; 
28. Го  определува  работното  време  на  занаетчиските  дејности  во  зависност  од  месните  обичаи  во  општината;
29. Усвојува  План  за  мерки  и  активности  за  надминување  на  финансиската  нестабилност  на  општината  предложен  од  градоначалникот  кој  е  задолжителен  за  општината;
30. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во Општината, во согласност со Закон;
31. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавна безбедност на подрачјето на Општината, кој го доставува до Министерот за внатрешни работи и Народниот Правобранител;
32. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот;
33. Избира и разрешува претседател на Советот;
34. Формира постојани и повремени комисии;
35. Врши одделни овластувања во согласност со Закон врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на подрачјето на Општината;
36. Востановува општински признанија и награди;
37. Дава мислење по предлог законите кои се однесуваат на Општината;
38. Врши други избори и именувања од своја надлежност;
39. Донесува други прописи за работите од своја надлежност;
40. Донесува Програми за дезинфекција и дератизација, и
41. Донесува и други програми, прописи, предлози и врши други работи по иницијатива на градоначалникот или стручните служби на општината;
42. Врши и други работи .

 

Општинска администрација

 

Член 35

За извршување на работите од надлежност на органите на општината се организира општинска администрација.
Општинската администрација се организира во сектори и одделенија.
Општината може да организира општински инспекторат заради вршење на инспекциски надзор над вршење на работите од нејзина надлежност.
Организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација ги утврдува Советот врз основа на предлог на Градоначалникот.

 

III. 2 Комисии на Советот

 

Член 36
 
За разгледување на прашања и утврдување на предлози од одредена област, Советот од својот состав може да формира постојани  и  повремени комисии.
Составот на Комисиите соодветствува на пропорционалната застапеност на политичките партии во Советот.
Мандатот на постојаните комисии  трае колку и мандатот на членовите на Советот.
Составот и времетраењето на мандатот на повремените комисии ќе се определи со Одлуката за нивно формирање.

 

 Член 37

Постојани комисии на Советот се:
– Комисија за финансирање и буџет;
– Комисија  за  локален  економски  развој;
– Комисија за урбанизам и комунални дејности;
– Комисија за заштита и унапредување на животната средина;
– Комисија за образование;
– Комисија  за  култура,  спорт  и  рекреација;
– Комисија  за  социјална заштита, заштита  на  децата  и  здравствена заштита;
– Комисија за јавна безбедност, безбедност во сообраќајот и противпожарна заштита;
– Комисија за месна самоуправа и општествени организации;
– Комисија за Статут и прописи;
– Комисија за мандатни прашања, избори и именувања,
– Комисија за признанија  и  награди , и

– Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

 Комисиите се составени од 5 члена на Советот: Претседател и 4 члена, ако со Статутот не е поинаку предвидено.

 

Член   38

 Комисиите на Советот:
– расправаат за прашања од областа за која се формирани;
– даваат мислења и предлози до Советот,
– ги разгледуваат предлозите на Градоначалникот, на членовите на
Советот и иницијативите на граѓаните од областите за кои се формирани.

 

Член   39

 Комисијата за финансирање и буџет ги разгледува прашањата во врска со финансирањето на Општината, Буџетот и Годишната сметка, прашања за користење на средствата од Заедничкиот фонд на градот Скопје, прибирање на средствата од локалните даноци, локалните такси, локалните надоместоци, како и за другите приходи на општината.

 

Член 40

Комисија за локален економски развој ги разгледува прашањата за планирање на локалниот економски развој, развојните и структурни приоритети, развојот на малите и средните претпријатија како и други прашања од оваа област.

 

Член 41

 Комисијата за урбанизам и комунални дејности ги разгледува прашањата од урбанистичкото планирање, прашањата од работата на јавните служби, прашањата од комуналното уредување и одржување на градежното земјиште во општината.
Комисијата од став 1 на овој член се состои од претседател и 8 члена на Советот. 

 

Член 42

 Комисија за заштита и унапредување на животната средина ги разгледува прашањата од надлежност на Општината, кои се однесуваат на заштитата и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита наприродата, заштита од бучава и други прашања од оваа област.

 

Член 43

 Комисијата за образование ги разгледува прашањата во врска со основното образование (основање, финансирање и друго) како и други прашања поврзани со основното образование.

 

Член 44

Комисијата за  култура, спорт и рекреација ги разгледува прашањата од областа на културата (поддршка на установите и културни манифестации, одбележување на настани и друго) и други прашања во овие области, прашања за развојот и рекреативните активности на младите, училишните спортски приредби и манифестации, систем на натпревари на општинско ниво, соработката со спортските општествени организации и разгледува други прашања од ова област.

 

Член 45

 Комисијата за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, разгледува прашања од областа на состојбите во јавните установи за деца, социјалната заштита и здравствената заштита (здравјето на работниците, здравственото воспитување, унапредување на здравјето) и друго.

 

 Член 46

 Комисијата за јавна безбедност, безбедност во сообраќајот и противпожарна заштита разгледува прашања поврзани општо со безбедноста на граѓаните и имотот, безбедност во сообраќајот, и во областа на противпожарната заштита.

 

 Член 47

 Комисијата за месна самоуправа и општествени организации ги разгледува прашањата во месната самоуправа од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје, дејствувањето на општествените организации од подрачјето на општината, како и давање предлози за унапредување на соработката.

 

Член 48

Комисијата за Статут и прописи:
–  го утврдува предлогот на Статутот, ги разгледува иницијативите и предлозите за измена на Статутот и ја следи неговата примена и ги разгледува начелните прашања од статутарен карактер;
– го утврдува предлогот на Деловникот на Советот;
– подготвува предлог мислења по предлог законите кои се однесуваат на Општината,  и разгледува и други општи акти од надлежност на Советот.

 

 Член 49

 Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања:
– разгледува и подготвува предлози кои се однесуваат на мандатно-имунитетните прашања;
– разгледува и подготвува предлози за избор и именување и разрешување од надлежност на Советот;
– определува плати, надоместоци и други примања на избрани и именувани лица, и
ја определува висината на надоместокот на патните и дневните трошоци на членовите на Советот, како и на трошоци направени во извршувањето на задачите што им ги доверил Советот.
Претседателот и членовите на Комисијата ги избира Советот на својата прва седница.
Комисијата од став 1 на овој член се состои од Претседател и 6 члена на Советот.

 

 Член  50
Комисијата за признанија и награди: 
–  покренува иницијативи  и  предлози за признанија и ги разгледува иницијативите и  предлозите за признанија поднесени од други субјекти;
–  Дава мислења по поднесените предлози;
– Дава предлози и ги разгледува предлозите за прогласување почесен граѓанин на  Општината, и
– организира свечено одбележување при врачување на признанијата и наградите и ја известува јавноста преку средствата за јавно информирање.

 

 Член 51

Комисија за еднакви можности на жените и мажите:

–       се грижи за имплеmеnтирање на Законот за еднакви можности на жените и мажите;

–       се грижи за унапредување на родовата рамноправност и воспоставување на еднакви можности за жените и мажите на локално ниво;

–       разгледува акти, прописи и останати значајни документи што ги донесува Советот   од аспект на вклученост на родовиот концепт во истите;

–       доставува предлози и мислења до Советот за разглеdување на состојбите со родовата рамноправност и еднаквите можности во сите свери од општеството;

–       ја следи работата на останатите комисии во Советот и дава свои сугестии и предлози од аспект на родовата рамноправност за конкретни точки кои се предмет на разгледување и во делокругот на комисиите;

–       редовно го информира Советот и координаторот за еднакви можности на жените и мажите во општината за сите пра{аwa сврзани со еднаквите можности на жените и мажите на локално ниво;

–       постојано соработува со координаторот за еднакви можности на жените и мажите во општинaта, и

–       разгледува други прашања што се однесуваат на еднаквите можности на жените и мажите.

 

 

Член 52

 Претседателот и членовите на комисиите ги избира Советот на предлог на Комисијата за мандатни прашања избори и именувања.
Предлогот за избор содржи онолку кандидати колку што се избираат членови на работните тела.
Политичките партии кои партиципираат во Советот ќе бидат пропроционално застапени во вкупниот број на членови на сите комисии.

 

Член 53

 Начинот на работа на комисиите поблиску се утврдува со Деловникот на Советот.

 

III.3 Распуштање на Советот на општината

 

 Член 54

Советот  се  распушта  ако  за  тоа  се  изјасни  мнозинството  од  вкупниот  број  членови  на  советот.

 

 

 Член 55

 Советот  се  распушта  и  ако:
– повторно  се  донесе  прописот  што  предходно  бил  поништен  или  укинат  од  Уставниот  суд  на  Република Северна Македонија;
– донесе  одлука  со  која  се  загрозуваат  суверенитетот  и  територијалниот  интегритет  на  Република Северна Македонија;
– не  се  состане  за  период  подолг  од  шест  месеци , или
– не  го  донесе  буџетот  и  годишната  сметка  на  буџетот  до  31  март  тековната  година.
За настапување на еден од условите од став 1 на овој член, Градоначалникот е должен веднаш да го извести Министерството надлежно за вршење на работи од областа на локална самоуправа.

 

 Член 56

До избор на нов Совет, работите на советот ги врши Градоначалникот на Општината.
При извршувањето на работите од став 1 на овој член Градоначалникот неможе:
– да одлучува за прашања што се однесуваат на располагање со сопственоста на општината;
– да одлучува за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднини до втор степен странична линија има финансиски или друг личен интерес, и
– да донесува прописи од надлежност на советот.

 

III.4 Градоначалник на Општината

 

 Избор на Градоначалник

 

 Член 57

 Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со Закон за период од 4 (четири) години.
Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.

 

Надлежности на Градоначалникот

 

Член 58

 Градоначалникот во рамките на своите надлежности:
– Ја претставува и застапува Општината;
– Ја контролира  законитоста на прописите на Советот;
– Ги објавува прописите на Советот во службеното гласило на Општината;
– Го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот;
– Го обезбедува извршувањето на работите кои што со Закон и се делегирани на Општината;
– Иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на Советот;
– Го предлага годишниот буџет и годишната сметка на Буџетот на Општината;
– Го извршува Буџетот на Општината;
– Избира директори на јавните служби кои ги основала Општината, врз основа на јавен конкурс;
– Донесува решенија  за  утврдување  на  данокот  на  имот  за  имот  кој  се  наоѓа  на  територијата на  општината;
– Води  евиденција  за  угостителските  објекти  и  за  работното  време  на  угостителските  објекти  кои  работат  на  територијата  на  општината;
– Склучува  договори  за  закуп  на  објекти  или  делови  на  објекти  на  јавни  установи  со  и  без  опрема за потребите на општината;
– Должен  е  веднаш  да  го  извести  министерството  надлежно  за  вршење на  работите  од  областа  на  локалната  самоуправа  за настанување  на  еден  од  условите  за предвремено распуштање  на  советот;
– При  предвремено  распуштање  на  советот  до  избор  на  нов  совет,  ги  извршува работите  од  надлежност  на  советот  со  определени  ограничувања  утврдени  со  закон;
– Член  е  на  Координативното  тело  на  градоначалниците  на  Град  Скопје  и  на  општините  во  град  Скопје  за  остварување  на  меѓусебна  соработка  и  решавање  на  прашања  од заеднички  интерес;
– Подготвува  Ребаланс  на  буџетот  во  насока  на  надминување  на  финансиската  нестабилност  на  општината  кој  го  одобрува  Комисијата  формирана  за  надминување  на  финансиската нестабилност  на  општината;
– Редовно го известува Советот  за извршувањето на своите надлежности во согласност со Статутот;
– Решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица, во согласност со Закон;
– Донесува Правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
– Одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со Закон;
– Обезбедува правилно и законито користење, одржување и заштита на сопственоста на Општината, во согласност со Закон и Статут и
–  Врши други работи утврдени со Закон и со Статутот.

 

Член 59

 

 Градоначалникот е должен на Советот да му поднесува извештај за извршување на одлуките донесени од страна на Советот на секои 3 (три)  месеци во текот на годината.
За извршување на своите надлежности Градоначалникот го информира Советот по потреба, а најмалку 2 (два) пати во годината.

 

 

 

Контрола на законитоста на прописите пред нивното објавување
                           
Член  60

Ако Градоначалникот смета дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и Законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Советот е должен, во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него.
Ако Советот го потврди прописот, Градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста  и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Северна Македонија.
За иницијативата од ставот  3  на овој член Градоначалникот е должен да го информира Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

 

Извршување на функцијата Градоначалник

 

 Член  61

Новоизбраниот Градоначалник ја презема должноста од претходниот Градоначалник во рок од седум дена од денот на изборот.
За време на вршењето на функцијата Градоначалникот не може да врши друга професионална дејност.
Градоначалникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење во Советот.
Градоначалникот определува кој од членовите на Советот  ќе го заменува во случаи на спреченост или отсуство, во согласност со постапка утврдена со Статутот.
На членот на Советот му мирува функцијата член на Советот за времето кога го заменува Градоначалникот.
Претседателот на Советот не може да го заменува  Градоначалникот.
Платата и надоместоците на Градоначалникот, како и надоместокот за членот на Советот кој го заменува  Градоначалникот, се уредуваат со Закон.

 

 Конфликт на интереси на Градоначалникот

 

Член  62

Градоначалникот не може да биде именуван за член во надзорни, управни и контролни органи на трговски друштва и јавните служби.
Градоначалникот не може да учествува во процесот на одлучување за прашања во кои тој или неговиот брачен другар, деца или роднина до втор степен странична линија  има  финансиски или  друг  личен  интерес.
Градоначалникот е должен да го информира Советот за интересот од ставот  2  на овој член.
Во случаите од ставот 2 на овој член одлучува еден од членовите на Советот избран на начин на кој се избира Претседателот на Советот.

 

Член 63

За време на спреченост или отсуство до шест месеци Градоначалникот го заменува член на Советот на Општината кој го назначува Градоначалникот со Решение.
Решението од став 2 на овој член се објавува во Службен Гласник на Општината.
За денот на настапувањето на спреченоста или отсуството Градоначалникот  го  информира  Претседателот  на  Советот.
На членот на Советот му мирува функцијата член на Совет за времето кога го заменува Градоначалникот.

 

Делегирана надлежност

 

Член 64

Органот на државната управа може да го делегира извршувањето на определени работи од своја надлежност на градоначалникот, во согласност со закон.
Во случаите од став 1 од овој член се пренесуваат и средствата предвидени во буџетот на Република Северна Македонија за извршување на тие работи.
Начинот на извршување на работите од став 1 на овој член може да се приспособи на локалните услови, со почитување на стандардите утврдени со закон.
Органот на државната управа од став 1 на овој член е супсидијарно одговорен за извршување на делегираните работи.

 

Престанок на мандатот на Градоначалникот

 

 Член  65

На Градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон:
– ако поднесе оставка;
– во случај на смрт;
– ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци;
– ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност;
– ако настапи случај на неспоивост за вршење на функцијата согласно со Законот за локалните избори;
– во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на Општината.

За оправданоста на отсуството од ставот 1 алинеја 6 на овој член одлучува Советот, со 2/3 мнозинство од вкупниот број членови на Советот.
Членот на Советот кој го заменува градоначалникот, во рок од 15 дена од денот на настапување на еден од случаите од ставот 1 на овој член е должен за тоа да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од став 3 на овој член ја известува Владата на Република Северна Македонија, која во рок од 1 месец од денот на приемот на известувањето, констатира дека настапил еден од случаите од став 1 на овој член и истовремено иницира постапка за распишување на нови избор за градоначалник, во согласност со закон.
Советот во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата на Република Северна Македонија од став 4 на овој член, ќе избере еден од членовите на Советот кој ќе ја врши должноста на градоначалникот за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот.
На членот на советот му мирува функцијата член на Советот за време на вршење на должноста Градоначалник, во согласност со став 5 на овој член.
Изборите од став 4 на овој член нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од 6 месеци.

 

IV. СОВЕТ НА ПОТРОШУВАЧИ

 

Член 66 

Во Општината се формира Совет на потрошувачи.
Советот на потрошувачите ќе разгледува прашања и ќе утврдува предлози кои се однесуваат на квалитетот на услугите на јавните служби во Општината.

 

Член 67

 Советот на потрошувачите се состои од 7 (седум)  члена, од кои 3 (три) се претставници на поголемите групи на корисници на јавните услуги и 4 (четири) се претставници на граѓаните-корисници на услугите.
                                                                         
Член 68

Членовите на Советот на потрошувачите ги избира Советот на Општината на предлог на Комисијата за  мандатни прашања, избори и именувања.
Мандатот на членовите на Советот трае  2 (две)  години. 

 

Член 69          
Советот на потрошувачите:
–   ја следи состојбата на давањето на услуги од страна на јавните служби;
–  се грижи за решавање на проблемите што граѓаните ги имаат при користење на услугите од  претпријатијата и установите кои вршат јавни услуги;
– се грижи за унапредување на односот на службениците кон корисниците на услугите;
–   организира јавни трибини и тркалезни маси на кои ќе се расправа за унапредување на заштитата на потрошувачите, и
–  врши   и други работи утврдени со овој Статут или друг акт на Општината.

 

 

 

 

 

Член 70

 

            Во Општината се формира Совет на млади како советодавно тело на општината со цел младите активно да се вклучат во јавниот живот на општината.

            Млади се жители на Општината на возраст од 15 до 30 години живот.

            Младите од став 1 на оваа одлука можат да бидат избирани за претседател и заменик претседател на Советот  на млади на Општина Кисела Вода, само ако се со место на живеење во Општина Кисела Вода.

 

Член 71

 

            Одлука за основање на Совет на млади ја донесува Советот на општината врз основа на позитивните законски прописи.

 

Член 72

 

            Советот на млади во општината ги врши следните работи:

            – расправа на седници на Советот на млади за прашања значајни за нивната  работа;

            – расправа за прашања за кои се расправа  на Советот на општината а се од интерес за работата на младите;

            – предлага на Советот на општината Одлуки, Програми и други акти  од значење   за младите од општината;

            – му предлага на Советот на општината да  расправа за прашања кои се од  значење  за унапредување на положбата на младите и решавање на  нивните проблеми;

            – му дава мислење на Советот на општината за конкретните одлуки кои треба да ги донесе;

            – соработува во изработката и го следи споредувањето  на локалните акти за млади, донесени од страна на Општината;

            – изработува извештаи до надлежните органи за проблемите на младите,  а по потреба предлага донесување на Програми за отстранување на настанатите проблеми  и подобрување  на  положбата  на младите  на локално ниво;

            – организира работилници, предавања, трибини, кампањи, манифестации и други активности во врска со младинските прашања;

– информира и промовира за активностите на Советот на млади;

            – ја потикнува  меѓусебната општинска соработка и размена  на искуства  со младите од другите општини;

            – по потреба повикува  преставник на  Советот на општината  на своите седници;

            – врши и други работи од интерес  за младите.

 

Член 73

 

            Советот на млади има пет членови.

            Советот на Општината покренува постапка за избор на членови  во Советот  за млади со јавен повик.

            Кандидатите за членови на Советот на млади ги предлагаат: Невладини организиации и Здруженија на млади, ученички совети, студентски совети и други регистрирани облици на организирање на младите.

            Врз основа на писмените предлози од предлагачите на предлог на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, Советот на Општината  го избира и го разрешува Советот на млади .

            Советот на млади од своите редови избира претседател и заменик, согласно  Деловникот за работа на Советот  на младите.

 

Член 74

 

Членовите на Советот на млади се избираат  на четири години.

            Советот на општината може да разреши член на Советот на млади и пред истекот на мандатот на лично барање, ако наполни 30 години живот, ако отсуствува од седниците на Советот на млади и ако со правосилна судска пресуда е осуден на безусловна казна затвор во траење подолго од шест месеци.

 

Член 75

 

            Советот на  млади одржува редовни седници по потреба, но најмалку еднаш во два месеци.

            Седниците  ги свикува и со нив заседава претседателот на Советот на млади.

            Претседателот на советот е должен да свика  вонредна седница на советот на млади на предлог од најмалку 1/3 од членовите на Советот на млади.

            Советот на млади ги донесува одлуките од мнозинството гласови ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупно избраните членови на советот  на младите.

            Начинот на работа на Советот на млади поблиску се утврдува со Деловникот за работа на Советот на млади.

            Советот на млади може да формира постојни и повремени работни тела  за потесни кругови на делување, на организирање форуми, трибини и работилници  за поедини возрасни групи на млади или за проблеми кои ги загрижуваат младите.

 

Член 76

 

            Советот на млади донесува програма за работа на Советот на млади и ја доставува до Советот на општината за секоја календарска година.

            Програмата ги содржи следните активности:

–          учество во креирањето и пратење на локалната програма за работа на младите.

–          Соработка со другите советодавни тела во Република Македонија и странство.

–          Консултирање со организацијата на младите за теми значајни за младите.

–          Соработка со телата во општината во политиката кон младите

Програмата содржи и останати активности значајни за работата на Советот за млади и подобрување на положбата на младите.

Програмата за работа на Советот на млади ја донесува со мнозинство на гласови од сите членови на Советот на младите.

Програмата се донесува и поднесува на одобрување пред Советот на младите најкасно до 31 декември во тековната година, за наредната година.“

 

V. АКТИ НА ОРГАНИТЕ НА ОПШТИНАТА

 

V.1 Општи акти и постапка за донесување

 

Предлог за донесување на општ акт

 

Член 77

 

 Постапката за донесување на општи акти започнува со поднесување предлог за донесување општ акт од страна на овластен претставник.

Член 78

 

 Предлог за донесување општ акт од надлежност на Советот, во форма на нацрт, односно предлог на акт поднесуваат: Градоначалникот на Општината, работното тело на Советот, член на Советот, јавни служби, установи и претпријатија кои ги основа советот.

 

Член  79

 Предлог за донесување општ акт содржи правен основ за донесување и причините поради кои се предлага донесување на акт.

 

 Член 80

 Предлогот за донесување општ акт во форма на нацрт се поднесува во писмена форма до претседателот на Советот или усно на седница на Советот, доколку во рок од 7 дена го достави во писмена форма.
 Предлогот за донесување општ акт претседателот на Советот го доставува до соодветно работно тело или надлежниот управен орган во рок од 10 дена од денот на неговото поднесување.
 Предлогот за донесување општ акт се доставува и до Градоначалникот на Општината.
             
Член 81

 Работното тело или управниот орган го разгледува предлогот и зазема став за основаноста и потребата од донесување на актот и за тоа го информира Советот.

 

 

             
Член 82 

Советот го разгледува предлогот за донесување општ акт со ставот на работното тело или управниот орган и ја утврдува основаноста и потребата од донесување на актот.
Ако Советот оцени дека нема основ и потреба за донесување на актот, за тоа го известува подносителот.

 

Член 83

Кога Советот ќе утврди основаноста и потреба за донесување на општ акт, определува изготвувач на актот, доколку со предлогот за донесување на општ акт не е поднесен и предлог на актот.
Ако со предлогот за донесување на актот е доставен и предлог на актот, Советот води расправа за донесување на актот.

 

Член 84

Предлогот за општиот акт содржи правен основ за негово донесување, причините поради кои се донесува актот, образложение, потребни средства за негово спроведување и начинот на обезбедување на тие средства.

 

Донесување Статут на Општината

 

 Член 85

 Статутот е основен акт на општината со кој се утврдуваат основните прашања во врска со надлежностите и оганизацијата на општината и други прашања од значење на општината.
Статутот на Општината се донесува во две фази и тоа како нацрт и како предлог Статут.
Нацртот на Статутот го утврдува Советот по предлог на Комисијата за Статут и прописи.
Предлогот на Статутот на општината го утврдува Комисијата за Статут и прописи, имајќи ги предвид изнесените предлози, забелешки и мислења во текот на расправата на седница на Советот.

 

 Член 86

 Статутот на Општината го донесува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

Член 87

 Измени и дополнувања на Статутот можат да предложат најмалку една половина од членовите на Советот на Општината, Градоначалникот на Општината, или најмалку 10% од избирачите на Општината.
Одлуката за пристапување кон измени и дополнување на Статутот на општината ја донесува Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Измените на Статутот на Општината се донесени ако за нив гласале мнозинство од членовите на Советот.

 

Донесување Деловник на Советот

 

Член 88

 Предлогот на Деловникот на Советот го утврдува Комисијата за Статут и прописи.

 

Член 89

Деловникот на Советот се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.

 

Член 90

Измени и дополнувања на Деловникот на Советот можат да предложат членовите на Советот и работните тела на Советот.

 

Донесување програма на Советот

 

Член 91

Предлогот на програмата за работа на Советот го утврдува комисија врз основа на претходно прибавени предлози и мислења од овластени предлагачи и заинтересирани субјекти.
Комисијата од став 1 ја формира Советот и е составена од претседател и два лена.
Предлогот на програмата содржи назив на материјалот, односно актот, кратка содржина, предлагач и рок.

 

Член 92

Програмата за работа на Советот се донесува на крајот на календарската година за наредната година.

 

 Донесување на Правилник за систематизација на работни места на општинската администрација во Општината

 

Член 93

 

Правилникот за систематизација на работни места на општинската администрација во Општината го донесува Градоначалникот.
Правилникот содржи одредби за организација, делокруг и начин на извршување на задачите на општинската администрација.
Правилникот треба да овозможи непречено одвивање на работите од надлежност на општината.

 

 

 

 

 

Донесување програми, одлуки и други општи акти

 

Член 94

 Носителите на предлозите на програмите и одлуките од надлежност на Советот се должни во предвидените рокови утврдени во програмата за работа на Советот тие предлози на акти да ги достават до Советот во соодветна форма на разгледување и донесување.

 Член 95

 

При донесувањето на програмите и одлуките, предлагачите присуствуваат на седницата на Советот и по потреба даваат стручни појаснувања од областа за која се предлага донесување на програмата или одлуката.

 

Член 96

 

 Деталните урбанистички планови на Општината ги донесува Советот во постапка утврдена со Закон.

 

Одобрување програми и други акти

 

Член 97

 Советот одобрува програми за работа на јавните служби, установи и претпријатија кои ги основа, а кои вршат работи од надлежност на Општината и облиците на месната самоуправа.

 

Член 98

 

Ако Советот не ја одобри програмата од член 89, тогаш формира работно тело кое заедно со претставници на подносителот на програмата, работат до конечно усогласување на ставовите.

 

Член 99

 

Советот одобрува и други акти во согласност со закон.

 

Член 100

 

Советот за одобрување на програмата или друг акт донесува заклучок.

 

Итна постапка за донесување одлуки

 

Член 101

 

По исклучок, Советот може и по итна постапка да донесе одлука кога е тоа неопходно за спречување на елементарни непогоди, други вонредни околности или кога е од интерес за остварување на функциите на Општината.
Пред да се донесе одлука, Советот претходно одлучува дали е неопходно донесување одлука по итна постапка, а потоа води расправа по предлог на одлуката.

 

Расправа по предлог на акт и предлозите за измени и дополнувања

 

Член 102

 

По предлозите на актите се води расправа.
Во текот на расправата се одлучува и за измени и дополнувања на одделни одредби од предлогот на актот.

 

Член 103

 

Предлог за измени и дополнувања на предлогот на одлуката или друг општ акт се поднесува во писмена форма.
Предлог може да поднесе овластен предлагач од член 70 на овој Статут и истиот мора да биде образложен.
Предлог за измени и дополнувања, по предлогот на одлуката или друг општ акт се поднесува најдоцна 3 дена пред денот определен за одлучување на седница на Советот, преку претседателот на Советот.
Предлогот, претседателот на Советот го доставува до членовите на Советот, до соодветното работно тело или надлежен управен орган и до Градоначалникот на Општината.
Во расправата на работното тело задолжително се повикува предлагачот или негов претставник.

 

Член 104

 

Предлагачот на предлогот, може да поднесе предлог за измени и дополнувања на предлогот на одлука или друг општ акт на седница на Советот, во текот на претресот на предлогот.
Предлогот од претходниот став се поднесува писмено и мора да биде образложен.

 

Член 105

 

За предлогот се води посебен претрес на седница на Советот.
По предлогот за измени и дополнувања поднесен на седница, Советот може да одлучи претресот да се одложи и да продолжи на една од наредните седници или претресот да се прекине додека членовите на Советот не го проучат и по него не се изјаснат.

 

 

 

Член 106

 

За предлогот се одлучува пред да се гласа за предлог на одлука или другиот општ акт.

 

Автентично толкување на општи акти

 

Член 107

 

Барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, граѓаните од Општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење.

 

Член 108

 

Барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисија за Статут и прописи.

 

Член 109

 

Комисијата за Статут и прописи по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и управните и административните органи на општината.

 

Член 110

 

Ако Комисијата за Статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на усвојување, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за Статут и прописи за тоа ќе поднесе Извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

 

Утврдување на пречистен текст на општи акти

 

Член 111

 

Ако во општиот акт се вршат пообемни или повеќе пати измени и дополнувања, Советот може да одлучи да се изготви пречистен текст на актот.
 Пречистениот текст на актот го изготвува Комисијата за Статут и прописи и го објавува во “Службен гласник” на Општината.

 

 

 

 

Претресување на извештаи, информации и други материјали

 

Член 112

 

Советот претресува извештаи, информации и други материјали кои се во негова надлежност.
Пред да ги претресува Советот, материјалите од став 1 на овој член ги разгледува надлежното работно тело.
 По извештаите, информациите и другите материјали, Советот донесува заклучок.
Советот дава мислења, согласност и предлага мерки за уредување на работите од заеднички интерес за градот Скопје, како и утврдува насоки за извршување на прописисте и други одлуки.

 

Член 113

 

Општите и другите акти се објавуваат во Службен гласник на Општината, најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување.
Општите акти стапуваат во сила 8 (осмиот) ден од денот на објавувањето, а по  исклучок  што  го утврдува  Советот  со  денот  на  објавувањето.
Општината води збирка на објавените прописи, која е достапна на општ увид.

 

V.2 Поединечни акти

 

Член 114

 

Советот и Градоначалникот во рамките на својата надлежност донесуваат поединечни акти.
Советот донесува решенија за избор и именување.
Градоначалникот на Општината донесува решение.

 

Член  115

 

Градоначалникот на Општината е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на актите да ги објави во Службен Гласник на Општината.

 

 

VI.ОБЛИЦИ  НА  НЕПОСРЕДНО  УЧЕСТВО  НА ГРАЃАНИТЕ  ВО  ОДЛУЧУВАЊЕТО  НА ОПШТИНАТА

 

Облици на учество на граѓаните

 

Член 116

 

Граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.
Трошоците за спроведување на непосредното учество на граѓаните во одлучувањето паѓаат на товар на општинскиот буџет.

 

Граѓанска иницијатива

 

Член 117

 

Граѓаните имаат право да му предложат на советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од неговата надлежност.
Граѓанска иницијатива неможе да се поднесе за кадровски и финансиски прашања.
За предлогот од ставот 1 на овој член, советот е должен да расправа ако го поддржат најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање.
Расправата од ставот 3 на овој член, советот е должен да ја одржи најдоцна во рок од 90 дена по доставената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.

 

Собир на граѓани

 

Член 118

 

Собир на граѓани може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месната самоуправа.
Собирот на граѓани го свикува Градоначалникот на Општината по сопствена иницијатива, на барање на Советот или на барање од најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање.
Органите на општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат заклучоците донесени на Собирот на граѓаните и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на кои се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.

 

Референдум

 

Член 119

 

 Граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, као и за други прашања од локално значење.
Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината.
Советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност по сопствена иницијатива.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за Советот.

 

 

Претставки и предлози

 

Член 120

 

За работата на органите на Општината и општинската администрација, граѓаните имаат право, поединечно или заеднички со другите да доставуваат претставки и предлози.
Градоначалникот е должен да создаде услови за доставување претставки и предлози.

 

Член 121

 

Претставките и предлозите се поднесуваат во писмена форма или усно на записник, поединечно или групно, до Градоначалникот.
За претставките  и предлозите не се плаќа такса.

 

Член 122

 

Подносителот не смее да трпи штетни последици поради поднесување на претставка, нити поради тоа може да биде повикан на одговорност.
             
Член 123

 

Постапувањето по претставките и предлозите опфаќа прибирање на податоци, известувања и мислења за околностите што се од значење за правилно оценување на основаноста на претставката, како и преземање на потребни мерки за отстранување на повредата на правото на подносителот или повреда на јавните интереси.

 

Член 124

 

Градоначалникот на Општината е должен најдоцна во рок од 60 (шеесет) дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот, на подносителот да му достави образложен одговор.
Ако претставката или предлогот не се однесуваат на работата од надлежност на органите на Општината, Градоначалникот ги доставува до соодветниот надлежен орган и за тоа го известува подносителот.

 

Јавни трибини, анкети и предлози

 

Член 125

 

Органите на Општината, при донесувањето на прописи од својата надлежност претходно  можат да организираат јавна трибина, да спроведат анкети или да побараат предлози од граѓаните.
Јавна трибина се организира кога се донесуваат прописи за прашања од локалниот економски развој, комунални потреби (водоснабдување, одржување на јавна чистота, одржување на локални патишта и улици) и други прашања од пошироко локално значење;
Анкета се спроведува за донесување на урбанистички планови и други прашања од локално значење;
Прибирање предлози од граѓаните за решавање на прашања од локално значење ќе се врши преку објавување на соопштение со кое ќе се повикаат граѓаните да даваат свои предлози.
Постапката, начинот и времето на преземање на една од наведените активности од ставот 1 на овој член, ќе се уреди со Одлука донесена од органот кој ја организирал.

 

VII. СОПСТВЕНОСТ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ОПШТИНАТА

 

VII. 1 Сопственост 

 

Член 126
               
Сопственоста на Општината ја сочинуваат неподвижни и подвижни ствари, парични средства и права.
Сопственоста  Општината ја стекнува од сопствени извори на приходи, по пат на финансирање од граѓаните или со нивно учество на друг начин, од подароци и по други основи.
Јавните служби основани од општината се нејзина сопственост.

 

Член 127

 

За купување, отуѓување и оптоварување на сопственоста на недвижни ствари одлучува Советот.
Отуѓување на сопственоста на Општината се врши само по пат на јавно наддавање, согласно со Закон.
Продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност.
Средствата добиени од продажбата на стварите може да се инвестираат само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари во сопственост на Општината.

 

Член 128

 

Општината ја евидентира својата сопственост и нејзината проценка се искажува во годишната сметка.

 

Член 129

 

Стварите во сопственост на Општината можат да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно наддавање, во согласност со Закон.

 

Член 130

 

Општината води грижа за законско и правилно користење на добрата во општа употреба.

 

VII. 2 Финансирање

 

Член 131

 

Општината се финансира од сопствени приходи, приходи од даноци, приходи од буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на фондовите, приходи од задолжување во согласност со закон и од други приходи утврдени со закон.             

Општината во рамките на своите надлежности, самостојно располага со сопствените извори на приходи.

 

Член  132

 

Сопствени  приходи  на  општината  се:
– локалните  даноци;
– локални комунални такси;
– локалните  надоместоци;
– приходите  од  сопственост;
– приходите  од  самопридонес;
– приходите  од  казни  утврдени  со  закон;
– приходите  од  донации;
– други приходи кои општината ги остварува во рамките на извршување на своите надлежности  и
– други  приходи  утврдени  со  закон. 

Сопствените приходи ги  утврдува  и  наплатува  општинската  администрација.
По исклучок од став 2 на овој член,  а по претходен договор, приходите од став 1 на овој член, може да ги наплатува даночната администрација  на  Град  Скопје.

 

Буџет на општината

 

Член 133

 

 Приходите и трошоците на Општината се утврдуваат со Буџетот на Општината.
 Буџетот на Општината содржи биланс на приходите и трошоците на Буџетот,  а се однесува за фискална година од 12 (дванаесет) месеци која почнува од 1-ви јануари, а завршува на 31-ви декември од секоја календарска  година.

 

 

 

 

Член 134

 

Предлогот на Буџетот на Општината го утврдува Градоначалникот и го доставува до Советот на Општината за донесување не подоцна од средината на месец ноември.
Советот на Општината не може да го разгледува предлогот на Буџетот на Општината пред истекот на 20 (дваесет) дена од денот на доставувањето до советниците на Советот на Општината.
Советот на Општината може да врши ребаланс на Буџет во тековната година, на предлог на Градоначалникот.

 

Член 135

 

Со Одлука на Советот на општината можат да се зголемат одредени буџетски трошоци под услов да се зголемат буџетските приходи или да се намалат буџетските расходи за соодветниот износ.
 
Член 136

 

За покривање на непредвидените барања за трошоци кои ќе се појават во текот на Буџетската година, од вкупните тековни и капитални трошоци се издвојува Буџетска  резерва  во висина  утврдена со  Закон.
За користење на средствата од Буџетската резерва одлучува Советот на Општината по предлог  на Градоначалникот  на Општината.
Советот на општината со одлука може да го овласти Градоначалникот за начинот на користење на Буџетската резерва.

 

Член 137

 

До колку Буџетот на Општината за наредната година не биде донесен до 31-ви декември во тековната година, ќе се постапи согласно со Законот за Буџетите и се воведува времено финансирање и тоа најдолго за 3 (три) месеци.

 

Член 138

 

 На крајот на секоја фискална година се изготвува годишна сметка на Буџетот на Општината.
 Годишната сметка на Буџетот, Советот треба да ја усвои најдоцна до 31-ви март во тековната година, за претходната година.

 

Член 139

 

Извршувањето на Буџетот на Општината го врши Градоначалникот, а поконкретно се уредува со одлуката за извршување на Буџетот на Општината.

 

 

Член 140

 

Заедно  со  општините  во  Град  Скопје  и  со  Градот  Скопје општината  формира  Заеднички  Фонд  на  Градот  Скопје  и  општините  во  Градот  Скопје  и  тоа  од  средствата  собрани  по  основ  на  персоналниот  данок  од  доход, комуналната  таксаза  фирма  и  комуналната  такса  за  користење  на  улиците  со  патнички, 

 товарни  и  приклучни  возила  и  други средства  во  согласност со  закон,  а  приходите  од  Заедничкиот  Фонд  се  распределуваат  во  согласност  со  Методологијата  за  распределба  на  средствата  која  ја  донесува  министерот  за  финансии.

 

VII.3 Финансиска  нестабилност  на  општината

 

Член 141

 

Финансиска нестабилност на општината настанува кога:
– Државниот завод за ревизија ќе открие значителни нерегуларности во финансиското работење на општината;
– Општината не ги плаќа достасаните обврски подолго од 90 дена;
– Сметката на Општината е континуирано блокирана 30 дена или 45 дена со прекин во период од 60 дена, или
– Општината ги надмине лимитите за задолжување.

 

Член 142

 

Во рок од 5 дена од денот кога ќе констатира појава на финансиска нестабилност, Градоначалникот е должен да го извести Министерот за финансии заради преземање натамошни активности во согласност со Закон.

 

Член   143

 

Од  датумот  на  почнување на  постапката за  надминување  на  финансиската  нестабилност  за  што  се  формира  Комисија  од  стран  на  министерот  за  финансии,  општината  не  може:
– да  донесува  одлуки  со  кои  можат  да  се  зголемат  финансиските  обврски
– да  основа  јавни  служби  (  јавни  претпријатија  и  установи)
– да  врши  плаќања  за  обврски  кои  не  се  во  согласност  со  Планот  за  разрешување  на  финансиската  нестабилност  на  општината

 

VIII. МЕСНА САМОУПРАВА ВО ОПШТИНАТА

 

Член 144

 

 Граѓаните во Општината ги разгледуваат и завземаат ставови за работите од непосредно и секојдневно значење од својот живот и работа и преку облици на месна самоуправа кои можат да ги основаат согласно со овој Статут.

 

Член 145

 

Во Општината како облици на месна самоуправа можат да се основаат во градското подрачје- урбани заедници, а во населените места – месни заедници.

 

Член 146

 

 Обликот на месна самоуправа се основа, во подрачјето на градот за урбана единица согласно урбанистичкиот план, а за населените места на катастарската општина на населеното место.

 

Член 147

 

 Иницијатива за основање облици на месна самоуправа можат да покренат најмалку 10% од граѓаните, жители на подрачјето на општината за кои има интерес за основање на облик на месна самоуправа.

 

Член 148

 

 Иницијативата за основање содржи: подносител, опис на подрачјето за кое се бара основање на обликот на месна самоуправа, образложение на потребите за основање и потпис на заинтересираните граѓани.
 Иницијативата  за основање  се доставува до Советот на Општината кој ја разгледува и оценува дали се исполнети условите за основање на еден од облиците на месна самоуправа и донесува одлука за основање.

 

Член 149

 

 Граѓаните преку облиците на месната самоуправа, во согласност со овој Статут и одлуките за основање се грижат за:
 – решавање на прашања од комунална инфраструктура за соодветното подрачје;
 -изградба и одржување на објекти од јавен интерес (водоводи, улици, културни домови, спортски објекти и др.);
 – заштита на животната средина и природата;
 – уредување и одржување на гробиштата во селските населби;
– покренување иницијатива за уредување на просторот;
– организирање културни, спортски, забавни и други манифестации и
–  други работи од непосредно секојдневно значење за животот и рабо-
тата на граѓаните.
 Советот на облиците на месната самоуправа дава иницијатива и предлози до надлежните органи на општината, за прашања од областа на образованието, здравството, социјалната заштита и други прашања од интерес на граѓаните.

 

 

 

Член 150

Работите од чл. 144 и 149 на овој Статут се финансираат од:
– средства кои што Општината ќе им ги одстапи на облиците на месна самоуправа согласно со плановите и програмите за нивниот развој;
– средства што граѓаните непосредно ги здружуваат;
– средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни и физички лица;
– средства од надомест на услуги и
– подароци и други средства.

 

Член 151

Орган на облиците на месна самоуправа е Советот.
Советот го избираат граѓаните на обликот на месната самоуправа на Собир на граѓани со јавно гласање, доколку Собирот не одлучи гласањето да биде тајно.
Советот е составен од 7 (седум)  до  11 (единаесет) члена.
Мандатот на членовите на Советот трае  4 (четири)  години.

 

Член 152

Одлука за рспишување на избор на членови на Советот донесува Советот во стариот состав, најдоцна 30 (триесет) дена пред истекот на мандатот.
 Ако Одлуката од став 1 на овој член не се донесе во утврдениот рок, Одлука за распишување на избор на членови на Советот  за формирање и избор на избирачки одбори,  донесува Градоначалникот на Општината во рок од 15 (петнаесет) дена.

 

Член 153

Предлагање и утврдување на кандидати за членови на Советот се врши на Собир на граѓани.
За утврдени се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на Собирот.

 

Член 154

 Постапка за предлагање, утврдување и избор на членови на Советот поблиску се уредува со Статутот на обликот на месната самоуправа.

 

Член 155
За избрани членови на Советот се сметаат кандидати кои добиле мнозинство односно најголем број на гласови од избирачите кои гласале.

 

Член 156

 

Претседател на Советот се избира од редот на членот на Советот со мандат од 4 години.
За претседател на Советот е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот.
Доколку во првиот круг никој од кандидатите за претседател не добил потребен број на гласови, се пристапува кон втор круг на гласање за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најголем број на гласови.
За претседател е избран член на Советот кој во вториот круг на гласање добил повеќе гласови.
До изборот на претседател, Советот го свикува и со него раководи најстариот член на Советот.

 

Член 157

Претседател на Советот ги свикува и раководи со Седниците на Советот, се грижи за организација и работа на Советот, и ги потпишува прописите кои ги донел Советот и во рок од три дена од денот на нивното донесување ги доставува до градоначалникот за објавување.

 

Член 158

Советот донесува Статут со кој се уредува работата на обликот на месната самоуправа, како и Програма за работа.

 

Член 159 

Градоначалникот на Општината, со решение може да делегира вршење на определена работа од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, на Претседателот на Советот на обликот на месната самоуправа.
Средствата потребни за извршување на работите, од ставот 1 на овој член се утврдуваат во решението за делегирање на надлежноста.
Со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од ставот 1 на овој член.

 

Член 160

Општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено финансиските работи на органот на обликот на месната самоуправа.
Контрола над трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.

 

IX. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ И УПОТРЕБА НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО НА ОПШТИНАТА

 

Член 161

 Грбот и знамето на Општината се утврдуваат со Одлука на Советот.
 За утврдување на грбот и знамето на Општината, Советот распишува конкурс и образува комисија.

 

Член 162
Комисијата од пристигнатите трудови по објавениот конкурс утврдува предлог за грб, односно знаме на Општината и го доставува до Советот на Општината на усвојување.

 

Член 163

Советот со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Советот одлучува по предлогот на комисијата.
Одлуката на Советот за утврдување на грб, односно знаме на Општината е составен дел на Статутот на општината.

 

Член 164

 Грбот на Општината се употребува во состав на печатот на Општината.
 Грбот на Општината може да се употребува и на официјални покани, честитки и на слични акти што ги користат Советот и Градоначалникот.

 

Член 165

Советот може да одобри употреба на грбот на Општината на физички и правни лица, ако оцени дека е во интерес на Општината.

 

Член 166

Знамето на Општината се истакнува на зградата на Општината и на видни
места во Општината.
Знамето на Општината може да се истакнува и при меѓународни средби, натпревари и други собири на кои учествува или е презентирана Општината.

 

Член 167

Грбот и знамето на Општината не смеат да се употребуваат ако се оштетени или со својот изглед се неподобни за употреба.

 

 

X. ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ОПШТИНАТА

 

Член 168

Иницијатива за оцена на уставноста на законите и уставноста и законитоста на општите акти на Министерствата и други органи на државната управа со кои се нарушува уставната положба и правата на Општината утврдени со Уставот и Законите, може да поднесат Советот, односно Градоначалникот  до Уставниот Суд на Република Северна Македонија.

 

Член 169

Градоначалникот на Општината има право да бара судска заштита пред надлежните судови кога на Општината и се попречува вршење на дадените надлежности со Устав и Закон, со акти и активности на органите на државната управа и на Владата на Република Северна Македонија.

 

 

 

 


XI. НАЧИН НА ИЗВРШУВАЊЕ НА ОБВРСКИТЕ НА ОПШТИНАТА ОД ОБЛАСТА НА ОДБРАНАТА ВО ВОЕНА СОСТОЈБА

 

 

Член 170

 

Начинот на извршување на обврските на општината од областа на одбраната во воена состојба, се уредува со Правилник за начинот на извршување на обврските на општината од областа на одбраната во воена состојба, кој го донесува Советот на општината.

 

XII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
      
Член 171
  
Актите за организација и работа и актите за систематизација на работните места ќе се донесат во законски предвиден рок.
   
Член 172

 

Со денот на влегување во сила на овој пречистен текст на статут престанува да важат  Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Град Скопје 8/2005), Одлука за измени и дополнувања на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.13/06), Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Кисела Вода ( Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.15/14), Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.7/19) и Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Кисела Вода (Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.7/19), 

 

Член 173

Овој пречистен текст на Статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен гласник на општината.

 

 

Број 0918-1091/4

23 декември 2019 година                                                   ПРЕТСЕДАТЕЛ

С к о п ј е                                                                на Комисијата за статут и прописи

                                                                                        Марина Чорбеска с.р.    

 

 

 

 

 

 

Споделете:

Scroll to Top