Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со Претседателот на Совет на Општина Кисела Вода, неколку советници и пазарџии денес ја пресекоа лентата и официјално го пуштија во употреба првиот затворен пазар во општина Кисела Вода.
Се работи за простор на површина од 250 квадратни метри, во кој се поставени 16 тезги. Лоциран е на местото од поранешниот див пазар кој функционираше во субстандардни услови. Новиот современ објект е граден по сите стандарди и прописи и ја надополнува естетиката на центарот на Кисела Вода, каде егзистираат Домот на култура “Билјана Беличанец” и паркот “Македонија”.
Градоначалникот во своето обраќање му се заблагодари на Министерството за локална самоуправа кое излезе во пресрет на потребите на граѓаните и за реализација на овој проект вреден 13 милиони денари влезе во финансиско партнерство со Општина Кисела Вода. Најави дека затворен пазар наскоро ќе добијат и жителите на населбата Драчево.
– Денес, на помалку од 100 дена од отпочнувањето на градежните активности, го отвораме првиот пазар од затворен тип во општина Кисела Вода. Реализацијата на овој проект беше голема потреба за нашите жители кои триесет години чекаа на достоинствени и современи услови за купување, но и за пласман на земјоделски и градинарски производи. На ова место постоеше див пазар кој не исполнуваше никакви санитарни и хигиенски услови и воедно го нагрдуваше просторот кој е во срцето на Кисела Вода. Како што и самите гледате, новото решение е изведено по сите современи, модерни и безбедносни стандарди и воедно, одлично се вклопува во естетиката на просторот во кој се наоѓаат и паркот Македонија и Домот на култура Билјана Беличанец. Би сакал да се заблагодарам на Министерството за локална самоуправа кое ги препозна нашите заложби за унапредување на условите за жителите на Кисела Вода и за реализација на овој пазар, влезе во финасиско партнерство со Општина Кисела Вода. Проектот е вреден 13 милиони денари, а од нив 9,8 милиони денари се обезбедени токму од Министерството за локална самоуправа. Воедно, сакам да упатам и голема благодарност до советникот од Советот на Општина Кисела Вода, Јане Петковски од редовите на ЛДП, за заложбите за реализација на проектот. Јас во мојата програма ветив дека ќе изградиме два вакви пазари и од тука сакам да најавам дека наскоро ќе започне изградба на уште еден современ затворен пазар во населбата Драчево-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.